Capital Bank | Financial Inovation

Општествено одговорна – Капитал банка се приклучува кон заштедата на електрична енергија

12

Ное. / 2021



Капитал Банка АД Скопје е една од првите банки во земјата која се приклучува кон иницијативата за заштеда на електрична енергија, со цел рационално користење на електричната енергија.

На почетокот на ноември, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор. Согласно проценките, постои ризик од стабилно снабдување со електрична енергија во текот на доцните есенски и зимските месеци. Со прогласувањето на кризната состојба, Владата започна со стратегија за успешно справување со ефектите од глобалната енергетска криза.

Како општествено одговорна банка, раководството на Капитал Банка А.Д. Скопје веднаш спроведе акциски план со цел да се придонесе кон свесноста околу потрошувачката на електрична енергија. Капитал Банка А.Д. Скопје е меѓу првите банки членки на Македонската Банкарска Асоцијација кои се приклучија кон иницијативата за исклучување на своите светлечки реклами во наредните 30 дена, во знак на заштеда на електричната енергија.

Капитал банка со ваквиот чекор сака да испрати јасна порака за рационално користење на електричната енергија, кон своите вработени и кон своите постоечки клиенти. Рационалното користење на електричната енергија потребно е да се трансформира од наша обврска во наша иднина, бидејќи покрај бенефитот од намалување на трошоците за домаќинството и бизнисот, дополнителен бенефит претставува намалување на загадувањето на околината преку т.н. стаклени гасови.

Сите домаќинства може да се приклучат кон рационалното користење на електрична енергија на следните начини:

  • Користење на енергетски ефикасни уреди, кои се јасно означени според нивните вредности
  • Планирано користење на уредите кои трошат значителна енергија во домот
  • Користење на „паметни“ приклучоци, кои автоматски ги регулираат уредите
  • Намалена употреба на уреди кои постојано се вклучени
  • Користење на обновлива енергија во случаи кога тоа е возможно за имплементација

Капитал Банка АД Скопје се надева дека новите навики за заштеда на електрична енергија ќе станат пракса во иднина, со што сите граѓани ќе развијат поголема свесност за енергетската ефикасност и бенефитите кои ги носи истата.



Icon

ул. Никола Кљусев бр.1, 1000 Скопје.

Icon2

+389 02/3102-500; +389 02/3102 510