А
Б
В
Г
Д
Е
Ж
З
И
К
Л
М
Н
О
П
Р
С
Т
У
Ф
Х
Ц
Аванс
Аванс претставува паричен износ кој се дава или плаќа однапред, пред извршување на одредена работа и претставува дел од деловните односи кои ќе произлезат во иднина.
Авторизација
Процес со кој издавачот на картичката (банка или специјализирана фирма) ги одобрува финансиските трансакции на корисникот на картичката.
Административна забрана
Административна забрана претставува забрана која се става на приходите на должникот односно кредитобарателот и жирантите, врз основа на нивна согласност. Таа е еден од основните предуслови за одобрување на кредит.
Аконтација
Уплата однапред, која најчесто се користи и како гаранција за плаќање.
Акредитив
Писмото со кое банката се обврзува спрема друга институција, или лице кое се обрзува дека по извршените договорни обврски, ќе исплати одредена сума во корист на трето лице. Документираниот акредитив е ефикасен инструмент за плаќање во меѓународната трговија.
Активна каматна стапка
Стапка по која се пресметува и наплаќа камата на пласираните средства.
Актуар
Актуар е стручно лице кое се занимава со проблемите на финансиската, неизвесност и ризиците со користење на математички методи од теоријата на веројатност, статистика и финансиска математика. Работата на актуарот вклучува анализа на податоците од минатото, проценка на постојните ризици и развој на модели за проектирање на идните настани.
Акцепт
Акцепт претставува изјава на лицето на која гласи меницата, дека во рокот на доспевање на меницата за наплата, ќе се исплати долгот од меницата целосно или делимично.
Акција
Хартија од вредност(која може да ја издаваат акционерското друштво и командитното друштво со акции) во која е претставен дел од основната главнина и во која се отелотворуваат правата на акционерот кој, како сопственик на акцијата, не е доверител на друштвото, ниту сопственик на еден дел од имотот на друштвото.
Акционер
Сопственик на една или повеќе акции кој не одговара за обврските на акционерското друштво или командитното друштво со акции. Акционер може да биде и секое странско лице. Странско лице може да стекне удел или акции на начин и под услови предвидени за државјаните на Р.Македонија и за правните лица запишани во трговскиот регистар на територијата на Р.Македонија, освен ако со закон не е поинаку определено.
Акционерска книга
Книга на акционерското друштво која се води во Централниот депозитар за хартии од вредност во која во електронска форма се запишуваат, со означување на името и презимето на акционерот, ЕМБГ, број на пасош, односно број на лична карта, доколку акционерот е странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот – важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото за живеење, односно фирмата, седиштето, ЕМБС, ако акционерот е правно лице и други информации.
Акционерско друштво
Претставува друштво кое со статут има определена и на еднакви делови(акции) поделена основна главница, во која акционерите учествуваат со по една или повеќе акции.
Амортизација
Годишен отпис на основните средства.
Ануитет
Ануитет е редовно, најчесто месечно, полугодишно или годишно исплаќање на парични средства (квоти) составен од дел од главницата и дел од камата, која должникот мора да ја плати на име на постепена отплата на кредитот.
Банка
Правно лице со дозвола од гувернерот на Народна банка на Р.Македонија основано согласно Законот за банки, чија основна дејност е прибирање депозити и други повратни извори на средства од јавноста и одобрување кредити од свое име и за своја сметка. Странска банка е правно лице регистрирано и со седиште надвор од Р.Македонија, кое од надлежен орган на земјата добило овластување за вршење на банкарски активности и е по супервизија на надлежен орган овластен со закон или друг пропис на таа земја.
Банкарска гаранција
Претставува инструмент со кој банката гарантира дека нејзиниот клиент ќе исполни некоја обврска кон трето лице.
Банкарска филијала
Организационен дел на банката, кој нема својство на правно лице и кој директно ги извршува сите или дел од активностите кои ги врши банката.
Банкомат
Уред кој најчесто е инсталиран на прометно место или во експозитурата на банката, кој на корисникот на картичката му овозможува подигнување пари од неговата сметка 24 часа на ден. За подигање пари од банкомат корисникот на картичката мора да го внесе својот PIN број, кој го добил од банката во посебен, затворен докумет и му е познат единствено на сопственикот т.е корисникот на картичката.
Берза
Претставува институција за организирано тргување со финансиски инструменти (акции, обврзници, девизи...).
Берзански индекс
Индикатор кој го покажува движењето на цените на репрезентативните хартии од вредност кои котираат на некоја берза. Самата берза ги избира репрезентативните хартии, кои најдобро го отсликуваат целокупното движење на цените. Берзата може да определи повеќе индекси за различни видови на хартии од вредност, поделени по разни критериуми (вид на индустрија, вид на хартија).
Биланс на состојба
Финансиски извештај во кој се искажува состојбата на средствата, капиталот и обврските, утврдени на крајот на периодот за кој истиот се составува.
Биланс на успех
Финансиски извештај со кој се прикажуваат сите приходи и расходи и резултатот од работењето, остварени во периодот за кој истиот се составува.
Благајнички запис
Краткорочна хартија од вредност издадена од Народната банка на Р.Македонија, која се продава по дисконтирана вредност, а на денот на пристигнување издавачот ја исплаќа номиналната вредност.
Бонитет
Подразбира формални и материјални својства на субјектот кој што го прават сигурен должник, било да се работи за банка во која се вложуваат средства или за физичко/правно лице на кое што му се дава кредит.
Брокерски работи
Активности кои ги извршува брокерска куќа во тргување со финансиски инструменти, активности на примарниот пазар, изготвување на анализи и давање на советодавни услуги, наплата на дивиденда и каматни купони, застапување на клиентите во собрание на акционери, чување на хартии од вредност, водење на портфолио на хартии од вредност за сметка на корисникот на услуги итн.
Валута
Монетарна единица во паричниот систем на државата.
Винкулација
Целосен или делумен пренос на побарувањето на осигурителното право на некое трето лице со кое тоа право се ограничува.
Гаранција
Претставува инструмент со кој банката гарантира дека нејзиниот клиент ќе исполни некоја обврска кон трето лице. Гаранциите претставуваат вонбилансни активности на банките, т.е. тие не се евидентираат во билансот на состојбата. Главница – Основен, позајмен износ кој должникот му го должи на доверителот, на кој најчесто се пресметува камата.
Готовина
Хартиени пари и монети со кои можете во секое време да располагате.
Грејс период
Грејс период е време во кое не се плаќа главница на кредитот, туку се плаќа само износот на каматата. Грејс период обично се одобрува на самиот почеток, а основната намера му е да се намали финансиското оптеретување на клиентот.
Датум на валута
Банкарски ден на кој е потребно да се реализира налогот за плаќање, по инструкции на испорачувачот.
Дебаланс
Нестабилна состојба на билансот или сметката.
Дебитна картичка
Картичка со која корисникот може да плаќа за стоки и услуги во продавници, на ПОС терминали и да подига готовина од банкомати и банки, согласно износот на средства на неговата сметка.
Девалвација
Претставува мерка на економската политика со која се намалува вредноста на домашната валута во однос на една или повеќе странски валути. Девалвацијата се презема со цел да се отстрани надворешната нерамнотежа во економијата, т.е. да се подобри состојбата во билансот на меѓународните плаќања.
Девизен курс
Девизниот курс е цената на одредена странска валута изразени во домашна валута.
Девизен пазар
Место на кое се соочуваат понудата и побарувачката на девизи и ефективни странски пари меѓу субјектите во една национална економија или меѓу различни национални економии.
Декурзивна камата
Пресметка на каматата по истекот на одреден временски период, односно наназад.
Деноминација
Активност за намалување на номиналната вредност на парите кога на парите им се одзема одреден процент од дотогашната номинална вредност.
Депозит
Побарување од банката во пари, со или без камата или надомест од кој било вид, наплативо веднаш или на определен рок, зависно од условите договорени при вложување на паричните средства.
Депозит по видување
Штедни влогови, тековни(трансакциони) и жиро – сметки. Парите на депозитите по видување му се на располагање на сопственикот на сметката (вложувач) во секое време и со нив може слободно да располага.
Дефлација
Се дефинира како намалување на вредноста на паричните единици. Таа е спротивна од инфлацијата. Со појавата на дефлацијата во определен регион или држава се означува дека за помалку пари би можело да се купи исто количество на стока или услуга. Главна карактеристика на дефлацијата не е само намалувањето на вредноста на парите, туку и зголемување на невработеноста.
Дивиденда
Дел од добивката на трговското друштво која што се распределува на содружниците, односно на акционерите на друштвото во согласност со правата определени во уделите, односно во секој род и класа на акции.
Дигитален сертификат
Потврда во електронски облик со кој се потврдува врската меѓу податоците за проверка на електронски потпис со одредено лице, носителот на сертификатот и идентитетот на тоа лице.
Дисконт
Камата на номиналната вредност за периодот од продажбата на меницата до нејзиното доспевање. Зборот дисконт се употребува и за останати деловни трансакции, како кај пресметки, намалување на вредноста на главницата пред нејзиното реално доспевање итн.
Дозволено пречекорување
Пречекорувањето на трансакциска сметка е договор за кредит со кој клиентите добиваат дополнителни средства на располагање на нивната трансакциска сметка, во износ поголем од тековната состојба на средствата на таа сметка.
Дознака
Начин на плаќање кога се дава налог на банката од сметката на налогодавачот кој ја има во таа банка, да се исплати на трето лице износот што е назначен во дознаката.
Државни обврзници
Долгорочни хартии од вредност кои ги емитува државата или некој нејзин орган или агенција, пред се за финансирање на буџетскиот дефицит, односно за покривање на државниот долг.
Евидентна камата
Износ на камата на одреден датум меѓу последниот датум на доспевање и првиот иден датум на доспевање на каматата.
Експозитура
Во банкарството, експозитурата претставува дел на некоја банка која извршува точно одредени(прецизирани) банкарски активности.
Електронски налог за плаќање
Налог кој Овластеното лице го проследува до Банката во облик на електронска порака и кој е во согласност со правилата одредени од страна на Корисникот, интерените акти на Банката и важечката регулатива за извршување на платниот промет.
Електронски потпис
Подразбира низа на податоци во електронски облик кои се содржани или логично поврзани со други податоци во електронски облик и е наменет за утврдување на автентичност на податоците и за утврдување на идентитетот на потписникот.
Електронско банкарство
Подразбира вршење на банкарски трансакции преку телекомуникациски мрежи. Во современото банкарско, најчесто се користи како термин за услуга која банките ја нудат на своите клиенти во форма на вршење трансакции од нивната лична сметка преку интернет.
Емисија
Издавање на пари и хартии од вредност.
Есконтна каматна стапка
Каматна стапка на кредити кои централната банка ги позајмува на деловните банки.
ЕУРИБОР
Euro Interbank Offered Rate - Референтна каматна стапка која претставува пресек на каматните стапки по кои првокласните банки во еврозоната ги нудат меѓусебно депозитите на фиксни периоди.
Ефектива
Технички банкарски израз за готовина.
Жирант
Жирант е лице кое гарантира за Вас и се обврзува дека ќе го продолжи плаќањето доколку корисникот на кредитот од било која причина не ги подмирува своите обврски.
Залог
Имот во сопственост на земопримачот, кој се користи за обезбедување. Доколку должникот давателот не ги исполни должнички обврски.
Заложна изјава
Документ кој се заверува на нотар и претставува изјава на сопственикот на имот со кој еднострано презема обврска, доколку долгот не биде исплатен во време на доспеаност, доверителот може да го наплати обезбеденото побарување од вредноста на на заложениот имот.
Запис (благајнички, комерцијален)
Краткорочна хартија од вредност која се однесува на одреден паричен износ со одреден рок на доспевање и одредена каматна стапка.
Затезна камата
Камата која покрај редовната камата, ја плаќа должникот, доколку до пропишаниот рок не го има подмирено својот долг.
Извештај за бонитет
Систематизиран сет на податоци, показатели и документи за бонитетот на правните лица и претприемачите. Тие се изработуваат во стандардизирана (повеќенаменска) и специјализирана( за одредена намена) форма на извештаи.
Имотен лист
Документ со кој се докажува сопственоста на недвижниот имот. Имотниот лист се добива во катастар.
Инкасо
Наплата на доспеани меници или чекови.
Интеркаларна камата
Камата кој се пресметува и наплатува само за време на користење на кредиот, односно до моментот кога започнува отплатата на кредитотм, банката пресметува и наплаќа камата со пренос на позајмицата во отплата или низ отплата на рати или ануитети.
Инфлација
Инфлацијата претставува пораст на општото ниво на цените, мерено преку некој индекс на цени, т.е. не може да се зборува за инфлација ако дошло до пораст на цената на еден производ или група производи; второ, инфлацијата претставува тренд на постојано зголемување на цените, т.е. еднократниот пораст на сите цени (на пример, поради зголемување на даноците) не претставува инфлација.
Камата
Претставува надомест во пари за привремено позајмување на парични средства или изразено во проценти, претставува надокнада (цена) која заемопримачот (должникот) ја плaќа на заемодавачот (кредитор, доверител) за привремено користење на позајмените пари или капитал.
Каматна стапка
Претставува во проценти изразена цена која се плаќа за користење туѓи средства пари или капитал.
Капитал
Главница, односно износ или имот изразен во пари.
Клиринг
Претставува утврдување на обврски и побарувања по основ на хартии од вредност и парични средства меѓу учесниците на организираниот пазар на хартии од вредност.
Клиринг во платниот промет
Претставува размена и обработка на меѓубанкарски налози за плаќање поради пресметка на билатерални и мултилатерални нето-износи кои секоја банка ги долгува или им се должат на секоја банка за порамнување на налозите за плаќање вклучени во секој клириншки круг.
Конверзија
Претворање на некоја валута во друга странска валута.
Контрола на бонитет
Контрола на кредитната способност на заемопримачот. Во прв ред е насочена на контрола на приходите на заемобарателот, како и неговите идни приходи. Во контролата се користат биланси на успех, финансиски планови, планови за пласман на производите итн. Исто така се проверува и реномето на заемобарателот во деловниот свет, неговата стручност и претприемачка способност.
Кореспондентна банка
Банка со која домашната банка воспоставила кореспондентси однос и преку неа ќе може да работи во странство.
Корисничко име
Лозинка за пристап на веб апликација за Online Banking (е-Banking).
Кредит
Кредитот е договор со кој клиентот - кредитобарателот (заемопримачот) добива пари од давателот (доверител) со договор дека во договорен рок ќе ги врати парите назад.
Кредит индексиран со валутна клаузула
Кредит индексиран со валутна клаузула претставува кредит изразен во одредена странска валута и содржи клaузули со кои отплатата на кредитот се врзува со движењето на курсот на валутата во која е индексиран кредитот.
Кредитна картичка
Кредитна картичка е картичка со која, како што кажува и самиот збор, добивате кредит од банка. Тој кредит го користите со употреба на картичката, т.е. со купување или подигнување на готовина. Потрошениот износ на кредитот го плаќате во месечни рати. За разлика од класичниот кредит, кредитот кој го добивате со картичката, го обновувате со секоја уплата и тоа во износ на извршената уплата (затоа овој кредит се вика револвинг). Уште една предност на кредитната картичка е тоа што сами го бирате износот на уплата(тој не смее да биде помал од минималниот износ назначен во Вашиот месечен извод). Ако до рок кој е назначен на изводот го уплатите целиот износ што го должите, банката обично не наплатува камата. Периодот за кој не плаќате камата се вика грејс период.
Кредитна способност (кредитен рејтинг)
Карактеристика на должникот која зборува за спремноста на должникот да ги исполнува своите обврски по земениот кредит, што претставува и еден од критериумите за анализа на хартиите од вредност.
Кредитни услови
Кредитните услови ги опфаќаат податоците за утврдените рокови, цени, осигурување и останати карактеристики на кредитот, односно останати важни елементи кои со договорот се регулираат меѓу доверителот и корисникот на кредитот.
Кредитно биро
Електронски центар за евидентирање на долговите на граѓаните и на стопанството.
Курс
Пазарна цена по која нешто се продава или се купува.
Курсна листа
Листа по која се менува валута на една во валута на друга држава. Може да биде фиксна или варијабилна.
ЛИБОР
London Interbank Offered Rate - Каматна стапка на краткорочниот меѓубанкарски пазар во Лондон по која банките, една на друга си нудат пари. LIBOR претставува референтна каматна стапка за меѓународните банки и служи како репер при одобрување на кредити. Го определуваат пет главни банки од Лондон секој работен ден.
Лизинг
Трговска дејност преку која трговските субјекти, најчесто малите и средните претпријатија, се обраќаат до некоја специјализирана институција да земат под закуп-лизинг инвестициона опрема за определен рок и за определен надомест.
Лизинг договор
Под овој договор се подразбира обврска за едната договорна страна –давател на лизинг да ја отстапи договорениот предметна користење и да ги преземе сите други дејствија во врска со правилно и уредно искористување на договорениот предмет на другата договорна страна- корисник на лизинг, која од своја страна, се обврзува на другата договорна страна да и ја плати договорената награда, односно лизинг рата.
Ликвидност
Претставува способност на средствата да се продадат без да предизвикаат значајни промени на цената и со минимална загуба на вредност.
Лимит
Износ на највисокото дозволено пречекорување на сметката, односно износ на најголемо можно задолжување по одобрен кредит.
Меѓубанкарска камата
Каматна стапка по која една банка може од друга да набави средства за рефинансирање за бараниот рок, односно каматна стапка по која на европазарот се склучуваат парични трансакции меѓу банките.
Меница
Вид облигационо-правна хартија од вредност чија содржина е парично побарување. Претставува безусловен писмен налог на издавачот на меница (трасант) наменет за друго лице (трасат) во одредено време и на одредено место да му исплати одреден износ на пари на лицето назначено на меницата (ремитент) или друго лице по негова наредба.
Налог за плаќање
Безусловна инструкција дадена на банката да изврши плаќање или да наплати одреден износ на пари назначен на сметката.
Нерезидент
Физичко лице со постојано живеалиште во странство; правно лице регистрирано во странство.
Номинална каматна стапка
Нето каматна стапка и не претставува конечна цена на кредитот. На основа на неа се пресметуваат ратите за плаќање, односно износот на каматата на депозитите.
Ностро сметка
Сметка на банка во некоја друга банка.
Обврзница
Должничка хартија од вредност, со која се потврдува дека имателот (купувачот, доверителот) му исплатил на должникот (издавачот) определен износ пари, како противвредност на обврзницата и дека должникот ќе му ги исплати на доверителот позајмениот износ, заедно со камата, и тоа, според утврдената каматна стапка и во договорените рокови. Обврзниците претставуваат дополнителен извор на средства за издавачот.
Обезбедување
Претставува начин на осигурување на плаќањето на некој долг каде трето лице зема обврска дека на доверителот во одреден рок, под одредени услови ќе го исплати долгот на должникот. Постојат повеќе облици на обезбедување.
Облигација
Вредносна хартија, признаница или обврзница со која се потврдува постоењето на нечиј долг.
Орочено штедење
Се однесува на одреден фиксен период за кој средствата на клиентот се депонирани во банка на штедна книшка и тој период може минимално да изнесува 1 месец, а максимално 36 месеци. Депонираните средства се поврзани со определениот период и клиентот може да ги повлече порано, доколку не е поинаку дефинирано во Договорот за орочување на средства кој се склучува помеѓу Банката и клиентот. Во случај на предвремено разорочен депозит во најчести случај Банката на клиентот не му ја исплаќа редовната договорна каматна стапка, тука му се исплаќа камата по видување или друга каматна стапка дефинирана согласно тарифникот на Банката.
Пасива
Дел од билансот на претпријатието кој опфаќа: Обврски (краткорочни и долгорочни) и сопственички капитал, односно сопственичка главница (акционерски капитал, акумулирана добивка).
Пасивна камата
Камата која банката ја плаќа за средствата депонирани кај неа.
ПИН
Personal Identification Number - Личен идентификационен број кој се состои од 4 бројки и служи како идентификација на корисникот. Претставува електронски потпис на корисникот при подигнување на готовина на банкомати.
План на отплата на кредит
Договорена динамика на отплата на главница и камата по кредит, дефинирана во договорот за позајмување на средства (кредитирање) помеѓу доверителот и должникот.
Платежни картички
Инструмент за безготовинско плаќање. Основна поделба на картичките е на дебитни и кредитни.
Провизија
Надомест за посредување во одредена работа. Се изразува во проценти од вредноста на извршената работа. Банкарска провизија претставува цена за извршување на банкарски услуги.
Променлива каматна стапка
Променливата каматна стапка се менува во согласност со промените на финансискиот пазар и најчесто е поврзана со репер каматната стапка (EULIBOR, LIBOR…).
Ревалвација
Зголемување на курсот на некоја валута во однос на друга.
Ревалоризација
Начин на одржување на вредноста на парите во услови на инфлација. Се спроведува така што износите се зголемуваат за процентот на раст на цените на мало за одреден временски период.
Ревалоризациска стапка
Стапка на инфлација за определен пресметковен период.
Револвинг кредит
Краткорочен кредит чие обновување е однапред договорено. Кога кредитот делумно или целосно ќе се одобри, тој автоматски се пролонгира под исти услови и во ист износ.
Резидент
Физичко лице со постојан престој во државата или правно лице регистрирано во домицилната држава.
Референтна каматна стапка
Каматна стапка по која се одредуваат останатите каматни стапки.
Рефинансирање
Обезбедување на средства за одобрување на кредити – со прифаќање на депозити од комитентите на банката, со продажба на хартии од вредност, со користење на кредит од централната банка врз основа на реесконт на меници или со земање на ломбарден кредит.
Салдо
Пресметковен остаток, разлика меѓу долгот и побарувањата.
СВИФТ
Society for worldwide interbank financial telecommunications - Претставува компјутерски систем за единствен пренос на финансиски средства меѓу банките и останати финансиски институции кои се членки на SWIFT. Оваа меѓубанкарска мрежа е основана во 1973 година од страна на 238 банки од 15 земји. Започнала со работа во 1977 година, кога првите европски банки си разменија порака.
Сеф
Нумерирана преграда во трезорот на банката, која банката ја издава за чување на пари или останати вредносни предмети.
Стапка на вкупни трошоци
Стапката на вкупни трошоци дава реална слика за вкупната цена на кредитот бидејќи се базира на вкупните трошоци кои клиентот ги плаќа на банката кога го подига и за време на отплата на кредитот. СВТ претставува вкупна цена на кредитот и се состои од следните податоци: Износот на кредитот, рокот на враќање, висина на номиналната каматна стапка на кредит и износите на трошоците кои влегуваат во пресметката на СВТ.
Тековна (трансакциона) сметка
Тековна трансакциска сметка е сметка преку која систематски се следи работењето помеѓу два деловни партнери, од кои едниот е банката, а другиот нејзиниот комитент.
Термински работи
Активности со кои се исполнуваат обврските од договорот во рок и под услови одредени при склучување на договорот. Терминската купопродажба е посебно карактеристична за работи со хартии од вредност.
Траен налог
Налог со кој сопственикот на тековната сметка бара од банката, да во одреден временски период, од неговата сметка уплаќа средства на друга сметка.
Трансакција
Пренос на парични средства на доверителот од сметката на должникот или на сметката на доверителот. Во трансакцијата, должник и доверител може да бидат различни физички или правни лица, односно исто физичко или правно лице.
Трасант
Издавач на меница.
Трасат
Должник во меничното работење на чие име е издадена меницата.
Уплата
Финансиска активност со која парите се насочуваат кон одредена сметка (на правно или на физичко лице).
Фиксна каматна стапка
Однапред одредена каматна стапка, која со текот на времето не се менува.
Финансии
Парични активности и управување со пари.
Финансиска актива
Количина на расположлива готовина (книжни и метални пари) или жирални (депозитни) пари со кои некој деловен субјект во моментот располага, како и останати побарувања од други деловни субјекти.
Флуктуирачка каматна стапка
Каматна стапка поврзана за некоја променлива краткорочна каматна стапка, на пр., LIBOR,CPI индекс и др.
Фонд
Парични средства наменети за конкретна цел, во смисла на залиха, односно постојано присутни средства.
Форфетинг
Продажба на извозни побарувања на банката заедно со средствата за осигурување. При тоа, продавачот на побарувањата не презема никаков ризик, односно ризикот се пренесува на купувачот.
Хеџ фондови
Специфичен вид на инвестициони фондови кои во своето шпекулативно работење ја користат техниката на хеџинг за да ги намалат ризиците. Имаат висок степен на задолженост во однос на сопствените средства.
Хеџинг
Хеџинг претставува осигурување од ризик кој произлегува од работењето, како што е ризикот од промена на каматните стапки, девизниот курс и сл. Во ситуација каде економските субјекти не сакаат да превземат ризик, можат да се одлучат за финасиски деривати за заштита од ризици. Тоа не спречува да не се случи несакана ситуација, но доколку се случи, нејзиното влијание ќе биде намалено.
Хипотека
Залог на имот како гаранција за паричната позајмица.
Цедент
Доверител кој по основ на некоја правна активност своето побарување или своето право на сопственост со договор го пренесува на друго лице (цесионер) и должникот не мора да биде известен. Осигурител кој дел од својот ризик го отстапува на реосигурителот – цесионерот како би го намалил ризикот.
Цесија
Отстапување на побарувањата или правата со писмена изјава на доверителот (цедент) во корист на нов доверител (цесионер).
Цесионер
Реосигурувач кој презема дел од ризикот на доверителот - цедент.